Членот на ДИК Борис Кондарко ќе биде претседател на Државната изборна комисија. Досегашниот претседател Александар Даштевски останува член. Кондарко е во Комисијата од јули 2018-та, а претседателската функција ја извршуваше и во периодот 2011 – 2013-та. По занимање е правник со искуство како адвокат и како пратеник од СДСМ.
Оваа ротација во ДИК претставува усогласување со постизборната промена на партиите од власт во опозиција и обратно. Според Изборниот законик, опозициските партии предлагаат претседател и два члена, а владеачките имаат мнозинство со четворица членови. Во овој состав остануваат: Абдуш Демири предложен од БЕСА, Оливер Ристовски предложен од СДСМ и Дитмире Шеху, предложена од ДУИ. Собранието распиша оглас за избор на уште два члена кои треба да ги предложи ВМРО-ДПМНЕ. Местата се испразнија откако Бојан Стојаноски даде оставка и стана заменик-генерален секретар во Собранието, а Радица Ристеска замина во пензија. Овие одлуки во Собранието беа донесени едногласно со повеќе од 70 гласови.