Средношколци од целата држава се натпреваруваа со зелени бизнис идеи
Во Кавадарци денеска се одржа финалето на Националниот натпревар за најдобар бизнис концепт за зелени иновации за средните училишта 2026/2027. Настанот се одржа под покровителство на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
На финалниот настан присуствуваше министерката Сања Божиновска, која ги додели признанијата и наградите на најуспешните средношколски тимови.
Учесниците преку своите проекти понудија решенија поврзани со одржлива иднина, енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија и циркуларна економија.
Годинава на натпреварот учествуваа 42 средношколски тимови од целата држава. Во финалето во Кавадарци пласман обезбедија осум тимови.
Првото место го освои тимот GrowHub од ДСУ РЦСОО „Никола Карев“ од Струмица. Второто место му припадна на тимот Pepper Waste од СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија.
Третото место го поделија тимовите Eco Charge Bike од СУГСГ „Раде Јовчевски – Корчагин“ од Скопје и Malesh Air од ОСУ „Ацо Русковски“ од Берово.
Поддршката за младите мора да биде реална и континуирана
Во своето обраќање, министерката Божиновска порача дека поддршката на младите треба да биде постојана државна политика.
„Овие млади луѓе покажуваат дека Македонија има знаење, креативност и потенцијал за современ развој. Нашата обврска како институции е да создадеме услови тие идеи да прераснат во реални можности, а младите својата иднина да ја гледаат тука – дома. Инвестицијата во младите, во нивните идеи и иновации, е инвестиција во иднината на државата“, истакна Божиновска.
Таа додаде дека зелената транзиција повеќе не е прашање на избор, туку неопходност. Според неа, младите се клучниот двигател на тие промени.
Натпреварот веќе 18 години претставува една од најзначајните платформи за младинско претприемништво и зелени иновации во државата.
Организатор е Центарот за зелени иновации при Машинскиот факултет во Скопје, во соработка со Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење.
Од Министерството посочуваат дека преку ваквите активности продолжуваат со поддршка на младите, инвестиции во знаење и создавање услови за развој на иновации во државата.
