Досегашните билатерални разговори меѓу официјално Скопје и Софија не донесоа никаков суштински напредок, туку служеа само како формалност без резултати. Европската Унија мора активно да посредува и да ги сослуша аргументите на двете инволвирани страни, порача македонскиот премиер.
Владата нема намера да прифати неизвесен процес чиј краен исход не може јасно да се предвиди, особено кога постојат ризици од десетици последователни блокади. Секое натамошно придвижување мора да понуди цврсти гаранции за завршување на интегративниот пат.
Видете, досегашните средби на билатерално ниво коишто ги имаше и претседателката, но и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, се средби коишто јас ги викам средби колку да се случат средби. И после кога ќе завршат тие средби има брифирање секогаш со сосема различна вистина од тоа којашто е разговарана на состанокот. Нашата идеја, кога велиме да се вклучи и Европската Унија, е со цел да ги слушнат и нашите аргументи и аргументите на другата страна. Јас знам која е загриженоста на официјална Софија. Тие велат: „ако ние седнеме во присуство на трет партнер, тоа значи дека навистина имаме билатерален спор“. И навистина ние имаме билатерален спор. Ние можеме да измислуваме, да се правиме дека немаме, ние во суштина навистина имаме билатерален спор којшто е сега на својот почеток. И додека е на почеток, јас тоа го кажав и во мојот говор вчера, ние треба да водиме дијалог и токму поради тоа ни се потребни претставници на мултилатерални организации, во случајов Европската Унија, за да ги слушнат аргументите
Мицкоски посочи дека отворањето на преговорите под постојните услови остава простор за постојани опструкции при затворање на секое поединечно поглавје. Поради тоа, македонските власти не планираат да навлегуваат во преговарачка рамка без претходно дефинирана и сигурна завршница.
Нашата позиција е дека ние не можеме да влеземе во било каква авантура без да знаеме дека крајот е на дофат и дека јасно го гледаме крајот. Не би сакале да влеземе во процес којшто континуирано потоа ќе ни се поместува. Зошто? Затоа што, еве ќе бидам најотворен и најдиректен, утре да ги отвориме преговорите, секое поглавје, секој кластер ќе треба потоа да се гласа во националните парламенти кога се затвора на земјите членки на Европската Унија. Тоа е најмалку 80 пати можност ние повторно да добиеме нови барања. Како ќе изгледа тоа? Ќе излезе некоја порадикална структура во Парламентот на нашиот источен сосед и потоа овие помeјнстрим политичари ќе речат: „знаете, мораме сега поради домашни проблеми повторно да ги блокираме, знаете руско влијание, вакво влијание, ние се бориме против тоа руско влијание, знаете вие сте лошите Русјаци, ние сме добрите Бриселци“. Отприлика така сето тоа ќе изгледа. Јас во тој процес нема да влезам
Според премиерот, решенија постојат и тие можат да се изградат заеднички со источниот сосед врз основа на сојузништвото во НАТО алијансата. Истовремено, сите меѓународни средби и контакти со партнерите се користат за доследно пренесување на домашните позиции.
Така што, ако таму сме партнери во тоа семејство, логиката вели дека и тука треба да сме партнери. И на крајот од денот, во интерес и на официјална Софија е да ние бидеме дел од Европската Унија. Мислам тоа се тие добрососедски односи
Јас само можам да кажам дека ние ја користиме секоја прилика, секоја можност да ги презентираме нашите аргументи. Тоа е тоа што мене ми е важно и тоа е тоа што е важно на луѓето од Владата
