Европската комисија воведува „флексибилен ЕЕС“ со цел да ги намали застојот и долгите чекања на дел од граничните премини и аеродромите. Новото решение ќе им овозможи на националните власти привремено да ја суспендираат биометриската регистрација кога редиците ќе станат предолги, додека стандардните гранични контроли ќе продолжат да се спроведуваат.
Решение за долгите редици
Портпаролот на Европската комисија, Маркус Ламерс, соопшти дека Брисел веќе соработува со земјите-членки за решавање на оперативните проблеми што се појавиле по воведувањето на системот за влез и излез (EES).
Тој најави и технички состанок со претставници на воздухопловната индустрија, на кој ќе се разгледаат предизвиците што ги носи новиот режим на контрола.
Што покажале првите резултати
Според Ламерс, новиот систем веќе дал конкретни резултати кога станува збор за безбедноста.
– Имаме нов систем што ни овозможува идентификација и вкрстена проверка на биометриските податоци. Во изминатите неколку месеци идентификувавме околу 1.000 лица кои биле оценети како безбедносен ризик и поради тоа не влегле во Европската Унија – изјави Ламерс.
Тој нагласи дека ваква проверка не била можна со стариот систем базиран на печати во пасошите.
Како ќе функционира
Најголемата промена што ја носи „флексибилен ЕЕС“ е можноста локалните власти привремено да ги прекинат дополнителните биометриски процедури, како фотографирањето и земањето отпечатоци од прсти, доколку се појават прекумерни доцнења.
Таквата мерка нема да значи укинување на граничните контроли, туку прилагодување на темпото на регистрација со цел да се избегне колапс на граничните премини и терминалите.
Одлуката дали ќе се примени оваа можност ќе ја носат националните служби директно на терен.
– Ако времето на чекање ги надмине вообичаените рамки, тогаш надлежните ќе треба да проценат дали е потребно привремено суспендирање на биометриската регистрација – објасни Ламерс.
Одговор на критиките
Иако медиумите во повеќе европски земји објавија дека ЕЕС значително ги продолжува редиците и создава дополнителни проблеми за патниците, Европската комисија не се согласува со таквите оценки.
Од Брисел тврдат дека дел од проблемите на границите постоеле и пред воведувањето на новиот систем и дека придобивките за безбедноста се далеку поголеми од привремените тешкотии.
Сепак, воведувањето на „флексибилен ЕЕС“ покажува дека Комисијата признава оти новиот систем бара дополнителни прилагодувања за да функционира без сериозни последици за патниците.
