Британскиот премиер Риши Сунак предвиде „тешка и опасна деценија“ во главниот преглед на одбраната, безбедноста и надворешната политика, објавен денеска.

Тој предупреди дека руската војна во Украина и кинеската агресија против Тајван се закануваат да создадат свет „дефиниран со опасност, неред и поделеност“.

Документот од 63 страници сигнализира дека светот се соочува со најголеми ризици, вклучително и „неконтролиран конфликт“ со нуклеарно оружје. Во документот се наведува дека најнепосреден безбедносен приоритет е справувањето со заканата од руската војна во Европа, пренесува Sky News.

Сепак, се предупредува дека секоја идна војна во Индо-Пацификот, каде што се зголемија тензиите со Кина поради Тајван, може да има „глобални последици поголеми од конфликтот во Украина“. Иако документот не ги промени фундаменталните оценки на оригиналниот преглед, објавен во 2021 година, кој беше пред целосната руска инвазија на Украина, јазикот во ажурираната верзија е поостар.

Сунак ја опиша кинеската комунистичка партија како „предизвик што ја дефинира епохата“, додека претходно беше опишана само како „системски предизвик“.

Тој тврди дека војната на рускиот претседател Владимир Путин во Украина била напад врз британската и пошироката европска безбедност. Тој објасни како се промени безбедносното опкружување во последните две години, со интензивирање на заканите и предизвиците.

„Руската нелегална инвазија на Украина, заканите за снабдувањето со храна и енергија и неодговорната нуклеарна реторика, во комбинација со сè поагресивното држење на Кина во Јужното Кинеско Море и Тајванскиот теснец, се закануваат да создадат свет дефиниран со опасност, неред и поделба – и меѓународниот поредок поповолен за авторитаризмот“ смета Сунак.

Како резултат на растечките закани, Сунак најави дополнителни 3 милијарди фунти во следните две години за нуклеарното оружје и флотата за подморници на ОК, како и дополнителни 1,9 милијарди фунти за резерви на муниција.