Бројот на активни случаи во државава достигна 1.268 од кои најголем број има во Тетово 379 и во Скопје 370, а по нив следат Гостивар со 126, Куманово со 114, Битола 38 и Дебар со 36.
Од Министерството за здравство апелираат граѓаните да се вклучат во масовното вакцинирање, бидејќи, како што посочуваат, само на овој начин ќе успееме да го победиме вирусот.
– Во овој период важно е граѓаните да покажат што поголем интерес за вакцинација и да се вакцинираат, бидејќи само со колективен имунитет може да се спречи мутирањето на вирусот СарсКов 2 и неговото рапидно ширење, посочуваат од Министерството.
Во нашата земја се уште е доминантна британската варијанта на вирусот, но со оглед на брзото ширење на делта сојот, како во светот така и во регионот, многу брзо тој може да се прошири и кај нас. Досега во земјава се детектирани 30-тина случаи на делта варијантата.
Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација. На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со завчера се вакцинирани вкупно 528.117 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 3.993 граѓани, а завчера вкупно се вакцинирале 10.179 граѓани.
Во државата вкупно се аплицирани 944.731 дози вакцини, а ревакцинирани се 416.614 граѓани. Заклучно со 5 август, од 416.614 лица вакцинирани со две дози на вакцина против Ковид-19, 167 лица се заразиле 14 дена по примена втора доза вакцина, а само 11 од нив биле хоспитализирани, информираа од Министерството.
Ова, како што посочуваат е показател дека бројот на заразени од вакцинирани е многу мал, што потврдува дека вакцината е корисна, односно е единствениот начин да се смени сликата зa пандемијата.
Според последната анализа во период од 1 до 31 јули, регистрирани се вкупно 809 случаи на Ковид-19, од нив 82 лица се заразиле по поминати повеќе од 14 дена по вакцинација со втората доза. Ова укажува на фактот дека вакцината е ефикасна само кога се примени две дози и кога од примената втора доза има поминато повеќе од 14 дена.
Само 10 отсто од сите активни случаи во јули, се заразиле со ковид по примена втора доза. Помеѓу позитивните, има вакцинирани со „Синофарм“, „Астра Зенека“, „Спутник В“, „Фајзер“, а меѓу нив има и заразени кои се вакцинирале во странство со вакцината на „Модерна“, истакнуваат од Министерството и потенцираат дека во државата има доволно вакцини, а во моментов за прва доза во државава има 80.000 вакцини „Синовак“, 50.000 „Aстра Зенека“ и 70.000 „Фајзер“.
Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 157.251, бројот на оздравени пациенти е 150.481, а на починати е 5.502.