Студијата, нарачана од британските власти, открива дека бројот на нови инфекции се зголемил за 50 проценти помеѓу 3 мај и 7 јуни, што се совпаѓа со ширењето на делтата варијанта на коронавирусот, откриена во Индија, а која сега доминира во Велика Британија.
Податоците од скоро 110.000 тестови на ковид-19, спроведени низ Англија помеѓу 20 мај и 7 јуни, покажуваат дека бројот на случаи се удвојува на секои 11 дена.
Резултатите од истражувањето беа објавени откако британскиот парламент одобри продолжување на ограничувачките мерки до 19 јули, и покрај бунтот на членовите на Конзервативната партија на премиерот Борис Џонсон во врска со ова прашање. Премиерот беше спасен од лабуристите, кои поддржаа четиринеделно одложување на укинувањето на мерките.
Научниците од лондонскиот „Imperial College“ истакнаа дека истражувањето откри „брза промена“ во последните неколку недели помеѓу алфа, англиската варијанта и индиската.
Повеќе од 90 проценти од новите случаи се поврзани со делтата варијанта, објавија тие, но додаваат дека земјата се наоѓа во поинаква ситуација од минатата есен, кога експоненцијалниот раст предизвика втор бран на епидемијата, бидејќи проширувањето на кампањата за вакцинација би спречила вакво сценарио.