Денеска сме во центарот на Скопје, на улицата „Петар Поп Арсов“ број 38, каде што жителите со години се соочуваат со сериозен проблем кој Општина Центар очигледно не успева или не сака да го реши, изјави Клементина Брзаковска, претседател на Комисија за животна средина при ОК Центар на ВМРО – ДПМНЕ и член на ГК Скопје.

„Зад металните огради се наоѓа запуштен и заграден простор, во кој, според укажувањата на жителите, има наталожено отпад, обрасната вегетација и застоена вода, која создава услови за размножување комарци и други штетници.

Речиси две децении овој простор стои ограден, а околните жители се оставени сами да се справуваат со последиците од неговата запуштеност.

Но, проблемот не е само во состојбата на парцелата. Проблемот е и во односот на Општина Центар кон граѓаните.

Кога жителите побарале помош од Комуналната инспекција, добиле одговор дека општината не е надлежна бидејќи станува збор за приватен имот.

Господине Герасимовски, дали тоа е Вашиот одговор на секој проблем во општината? Дека некој простор е приватен и затоа Општината нема никаква обврска да реагира?

Никој не бара од Вас да посегнувате по приватна сопственост. Бараме да ја работите работата за која сте избрани. Да испратите инспекција, да ја утврдите состојбата, да постапите во рамките на законските надлежности и да побарате одговорност од сопственикот доколку се утврдат неправилности.

Дали воопшто е направен записник? Дали е утврдено што се случува зад оградата? Дали е контактиран сопственикот? Дали е побарано отстранување на отпадот и застоената вода?

Ова се прашања на кои граѓаните заслужуваат конкретни одговори.

Додека во Центар никнуваат нови згради, додека се бетонира секој слободен простор и додека урбанистичките интереси стануваат главна тема, основните комунални проблеми остануваат нерешени.

Затоа со право се поставува прашањето: дали политиката на Бетон Герасимовски и неговиот ментор Филипче е политика на развој на Центар или политика во која граѓаните остануваат последни на листата на приоритети?

Центар не се само зградите, инвеститорите и градежните парцели. Центар се луѓето кои живеат тука, нивните деца, нивните домови и нивното секојдневие.

Од градоначалникот Горан Герасимовски бараме:

  • Прво, итно да се изврши увид на локацијата на улицата „Петар Поп Арсов“ број 38 и да се утврди фактичката состојба.
  • Второ, да се преземат сите мерки во рамките на законските надлежности за отстранување на отпадот, застоената вода и потенцијалните извори на штетници.
  • Трето, да се утврди сопственикот на парцелата и да се побара од него да ги отстрани утврдените неправилности.
  • Четврто, јавноста да биде информирана што конкретно презела Општината и во кои рокови проблемот ќе биде решен.
  • Граѓаните на Центар не заслужуваат да бидат оставени сами да се борат со проблемите пред своите домови.
  • Господине Герасимовски, Вие сте градоначалник на сите жители на Центар, а не само на оние што градат и инвестираат.
  • Доста е од бетон, доста е од изговори и доста е од префрлање одговорност! На Центар му треба општина што ќе се грижи за граѓаните, а не општина што ќе им објаснува зошто не може да им помогне“, потенцира во изјавата Клементина Брзаковска, претседател на Комисија за животна средина при ОК Центар на ВМРО – ДПМНЕ и член на ГК Скопје.