Претседателот на Словенија Борут Пахор соопшти дека со заедничка декларација се повикува Европската унија да го види регионот на Западен Балкан како целина, а не само како одделни држави со кои преговара и оти треба да гледа на регионот како на геополитичко прашање.

– Тоа е реципрочен процес. ЕУ мора да го забрза проширувањето и земјите од Западен Балкан мора да ги забрзаат реформите, рече Пахор на заедничката прес-конференција со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.

Милановиќ, пак, оцени дека Македонија се наоѓа во една невозможна позиција во процесот на евроинтеграциите, посочувајќи дека станува збор за условите кои и се поставени на земјата во една, релативно зрела фаза на преговорите со ЕУ, а се однесува на содржината во некои учебници по историја.

-Тоа е влегување во интимен простор и тоа не се прави, и на тоа, отворено ќе се спротивставам, изјави претседателот на Хрватска.

Претседателот Пендаровски на самитот Брдо-Бриони порача дека од круцијално значење е да почнат пристапните преговори со Македонија и со Албанија и оти на тој пат, е апсолутно јасно дека историските прашања немаат ништо заедничко со процесот на европската интеграција. Евентуалните неуспеси на тој пат, вели, дополнително ќе го нарушат кредибилитетот на Европската Унија и нејзиното влијание во регионот.

-Во однос на нашиот проблем во интеграциите беше неподелено мислењето дека евроинтегративниот процес, воопшто процесот на преговори не смее воопшто да се оптеретува со историски контроверзии, дека историските проблеми и толкувањата на историските настани немаат буквално ништо заедничко со евроатлантските интеграции и со вредностите кои членките во тие организации ги почитуваат, рече Пендаровски.

Пендаровски кажа и дека претседателите на Хрватска и Словенија, Пахор и Милановиќ, се заложиле во наредниот период во рамки на Европската Унија да се обидат со свои иницијативи да му дадат нов поттик на спорот меѓу нас и Република Бугарија.

Премиерот Зоран Заев изјави дека верува оти ќе се најде решение за отворените прашања со Бугарија и упати порака директно, до претседателот Румен Радев и до техничката Влада во Софија, да покажат европска големина кон еден од своите први соседи, Македонија да дадат шанса да го продолжи процесот за членство во ЕУ. Во интервју во дневникот на Националниот сервис, Заев се повика на консензуалната одлука на сите 27 земји-членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Бугарија, дека сме ги исполниле условите за почеток на преговорите.

-Да продолжиме да градиме пријателство, важно е каква историја пишуваме сега, нашите млади луѓе сакаат да ги отвориме вратите и можностите за соработка, а не да бидеме заглавени во минатото, оцени Заев и нагласи дека очекува да се одржи првата меѓувладина конференција, по состанокот на Советот на министрите кога ќе се донесат одлуките.

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров изјави дека очекува засилен ангажман на португалското претседателство за спроведување на одлуката на Советот од март минатата година за отворање на преговорите за пристапување на земјата во ЕУ.

-Имаме сигнали дека ќе има позасилен ангажман на португалското претседатлество. Бидејќи дипломатијата зад затворени врати, на некој начин, дава поголеми шанси, не знам колку е мудро од моја страна повеќе да кажам, меѓутоа, чесно е да најавиме дека очекуваме засилен ангажман од португалското претседателство кое што мислам дека има добра волја. Далеку се географски, нивната позиција на чесен посредувач е јасна – сакаат успех и сакаат да го завршат тоа што го почна германското претседателство и да ја спроведат одлуката на Советот од март, минатата година, вели Димитров во интервју за емисијата „360 степени“ за Алсат ТВ.