Премиерот во оставка Желјазков понуди мазут, но Македонија моментално нема потреба од помош од надвор

Македонската Влада одби понуда за снабдување со мазут од Бугарија, и покрај тоа што кризата во снабдувањето со електрична енергија бараше итни решенија. Премиерот во оставка, преку бугарскиот министер за надворешни работи, понудил помош на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, но Владата соопшти дека државата во моментов располага со сите расположливи ресурси за одржување стабилност на енергетскиот сектор.

„Ве информираме дека државата во моментов не се наоѓа во ситуација во која има потреба од ваков тип на помош. Државата не е во фаза на чекање помош од надвор, туку со сите свои расположливи капацитети е во можност да ја одржува состојбата стабилна на полето на енергетиката“, стои во официјалното соопштение од Владата.

Користење на државни резерви и отчетност од ЕСМ

За да се избегнат рестрикции на струја, Владата вчера прогласи кризна состојба која ќе трае седум дена. Во овој период, мазутот ќе се користи од државните резерви без надоместок, а АД ЕСМ има обврска за секое трошење на нафтениот дериват да доставува извештај до Владата и Министерството за финансии.

Опозицијата, пак, ја критикува Владата, барајќи од Јавното обвинителство да отвори истрага за загубите во ЕСМ.

„Кој ќе одговара за загубите од над 100 милиони евра? Кој профитира од увозот на струја? Зошто навреме не биле обезбедени енергенси, мазут на пример? Кој заработува додека народот плаќа?“, рече генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, потенцирајќи дека работењето на ЕСМ резултирало со сериозни финансиски загуби.

Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека СДСМ нема кредибилитет за дискусии во енергетскиот сектор, поради кривичната пријава за поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој е во бегство, и истакнаа дека сегашниот лидер на партијата, Венко Филипче, се возел во поклонетото ауди од снабдувач со јаглен на ЕСМ.