Поранешниот директор на српската контраразузнавачка служба (БИА) и близок сојузник на претседателот Александар Вучиќ, Александар Вулин, упати серија остри изјави и критики кон Бугарија, осврнувајќи се на односите меѓу двете земји и на регионалните политички тензии.

„Разбивме бугарска шпионска мрежа. Сè уште не сме ги изброиле српските деца заклани од бугарскиот окупатор во двете светски војни. Бугарите треба да палат свеќи и да молчат,“ изјави Вулин, додавајќи дека обединувањето на сите Срби е природен процес што не може да се запре.

Изјавата следува по повикот на бугарскиот претседател Румен Радев до европските институции да обрнат внимание на, како што рече, ризиците што ги создава концептот „Српски свет“ во регионот.

Неколку часа пред ова, српскиот претседател Александар Вучиќ во Брисел изјави дека таква доктрина не постои, нарекувајќи ја „измислица на Бугарија“ и тврдејќи дека Белград е неправедно претставен како закана за соседите.

Вулин, кој до неодамна беше министер и директор на БИА, објасни дека додека бил на функција спречил обиди за дистрибуција на бугарски учебници во Србија и дека со апсење на лице поврзано со бугарската служба „разбиле шпионска мрежа“.

„Пред да ги споменете Србите, запалете свеќа и побарајте прошка за Сурдулица, Топлица, Бојник, Драговац и Крива Река,“ изјави Вулин, алудирајќи на настани од двете светски војни.

Александар Вулин е под санкции од САД и Велика Британија поради активности кои, според западните власти, придонесуваат за дестабилизација на регионот, а во исто време е познат по своите проруски ставови и јавна поддршка на Кремљ.