Бугарската организација на контроверзниот Виктор Стојанов не откажува да влезе во македонскиот фудбал. Најтрофејниот фудбалски клуб Вардар е завршена приказна за бугарската организација „Фондација Македонија“, но таа сепак ќе влезе во македонскиот фудбал.
„А1он“ дознава дека за неколку дена ќе биде постигнат договор со еден фудбалски клуб од Втората или третата македонска лига, а парите кои требаше да ги добие Вардар ќе бидат вложени во еден од клубовите со кои се преговара во моментов.
Претставниците на Вардар на социјалните мрежи објавија дека до нив пристигнала финансиска понуда од фондацијата за да го купи Вардар со понуда од 300.000 евра за 51% од уделот и дополнителни 500.000 евра за настап во Првата лига, но тие го одбиле предлогот на неколку дена пред да се сретнат на закажана средба во Скопје.
„Нашиот став е дека воопшто не постои простор за дискусија со луѓе кои што не го признаваат македонскиот идентитет, па затоа одговорот ќе го објавиме вака јавно, нека биде тоа одговор на македонскиот народ, кон нечесната и крајно тенденциозна понуда: Вардар не е на продажба!“, објавија „Комити“ кои сега се сопственици на клубот.
Првиот човек на фондацијата, Виктор Стојанов открива за „А1он“ зошто не завршиЛа добро приказната во Вардар и зошто бугарските инвеститори сакаат да вложат во македонскиот фудбал.
– ФК Вардар не постапи коректно, имавме телефонски разговори со претставникот на „Комити“, Милорад и тие разговори требаше да продолжат со средба во Скопје. Три дена пред средбата во Скопје објавија тоа што објавија и сокрија дека сме воделе телефонски раговори. За Вардар имаше посебен инвеститор од Бугарија кој е дел од Фондацијата. Тој сакаше да вложи 300.000 евра сега веднаш и уште 500.000 евра во текот на сезоната за да го одржи Вардар во елитата. Но, тоа е завршена приказна за нас.
Сега водиме разговори со неколку тимови од Втората македонска лига и еден од третата лига. Не сакам да ги соопштам имињата пред да постигнеме договор со еден од нив, а тоа ќе се случи следната недела. Тогаш ќе објавиме со кој тим сме се договориле и започнуваме да работиме веднаш со него. Наша цел е да имаме тим во Првата лига и да се натпреварува со најдобрите. „Фондација Македонија“ според сегашните можности може да вложи 120.000 евра сезонски буџет ако договориме клуб од Втората лига и минимум 15.000 евра сезонски буџет ако земеме клуб од Третата лига – вели Стојанов за „А1он“.
Бугарската организација тврди дека нема политичка позадина во нивните намери да вложат во спортот и сметаат дека е нормално да има инвеститори од Бугарија кај нас какви што има и во бугарскиот спорт, а доаѓаат од Србија, Турција и Македонија.
– Нема политичка позадина. Тоа е спорт и култура, сакаме од Бугарија да има инвеститори во македонскиот спорт како што има инвеститори во бугарскиот спорт од Турција, Македонија и Србија. Тоа ќе помогне за спортот и за нашите односи. Луѓето ќе се дружат и ќе се зближат кога има такви настани. Така ќе се забавуваат, а се друго е политика. Политика беше и тоа што бев искористен од ФК Вардар за да покажат патриотизам и да продадат што повеќе карти. Тоа не нашата поента, ние само сакаме да се зближиме како Македонци и Бугари – додаде Стојанов за „А1он“.