ТВ водителката Бесмира Ејупи која пред две години не успеа да стане конзул, сега доби дипломатска мисија со потпис на министерот за надворешни работи во заминување Бујар Османи, тврдат извори во МНР за порталот Експрес.

Како што објави порталот, министерот за надворешни работи во заминување Бујар Османи денеска потпишал решенија за праќање дипломати на испомош во македонски дипломатски конзуларни претставништва низ светот.

На списокот е и ТВ водителката новинарката Бесмира што тој во 2022 година сакаше да ја прати за Генерален конзул во Њујорк, но се повлече под притисок од јавноста.

Според извори во МНР, објави Експрес, Османи сега потпишал Ејупи да оди една година на испомош во конзулатот во Бон, Германија.

Под притисок од медиумите Османи во септември 2022 година прозна дека Ејупи била префрлена во МНР од Министерството за политички систем кое го водеше Артан Груби.

Тој тогаш рече дека Ејупи била вработена затоа што имало потреба од педесетина нови вработувања заради пензионирање на дел од персоналот.

Прашањето за Бесмира Ејупи стана актуелно откако почнаа да кружат информации дека се размислува за нејзино назначување за конзул во Њујорк и во друг случај кога истовремено била ангажирана и земала плата од Државното правобранителство и неколку општини, а за целиот едногодишен ангажман добила околу 12.000 евра, објави тогаш ТВ21.