Како што информира МОН, Царовска истакна дека вложувањата на секоја држава во образованието треба да се силни, но и навремени, зашто исто како и здравствениот и социјалниот, и образованиот систем треба да е отпорен на кризи и да продолжи да функционира и во услови на пандемија како што имаме сега.
-Бидејќи тоа е од највисок интерес за секое дете, за секој граѓанин, но и за државата. Без квалитетно образование, здравство, социјална и детска заштита, дури и во услови на криза, не можеме да очекуваме раст и развој. Република Северна Македонија покажа во пракса дека со брза реакција на институциите може да се обезбеди континуитет во наставата дури кога тоа ни се чинеше невозможно. Сега имаме образовен систем кој може веднаш да го менува моделот на настава во согласност со условите што ни ги диктира пандемијата и на тој начин да одржуваме континуитет во наставата која е од исклучително значење за учениците. Но, што научивме од сето ова? Кризата ни покажа зошто е од витално да имаме одржлив резистентен образовен, здравствен и систем на социјална заштита. Да вложуваме во образовна инфраструктура, унапредување на наставниците, нови технологија, материјали за секое дете, дигитализацијата, ИТ-опрема, како и еднаков пристап за секое дете и инклузивност за правичен систем, истакна Царовска.
Министерката посочи дека првпат на ниво на целото општество постои препознавање и признавање дека образованието и наставниците се витални за државата. Како што наведува МОН во соопштението, Царовска наведе дека втори клучен сегмент на којшто не научи кризата се реформите додавајќи дека ние со години го занемарувавме тој сегмент како незначаен.
-Образованието мора да се менува, затоа што се околу нас се менува. Се прашавме што и како учат децата? И веднаш пристапивме кон нови реформски процеси кои започнавме да ги имплементираме и покрај пандемијата, бидејќи потоа ќе биде доцна. Новите наставни програми се прилагодени на современите текови и првпат се засноваат на национални стандарди за постигнување од учење. Се засноваат на медиумска писменост, критично мислење, решавање проблеми, а наставниците ни се најважна алка во промените за што воведовме кариерен развој и раст на плати, рече Царовска.
Министерката додаде дека и во средното образование промените се евидентни. И таму, концептот на дуално образование кој, како што рече, им е добро познат на учесниците на панел-дискусијата, опфати поголем број училишта и ученици и со тоа им се овозможува да стекнуваат вештини кои ги прават добро подготвени за предизвиците на работните места чиј број се зголемува, а за кои кадарот е се уште дефицитарен.
МОН информира дека на настанот се обратија неколку актуелни министри кои раководат со областите на образованието, финансиите и економијата во земјите од регионот, експерти и претставници на Европската комисија.