Регионалната иницијатива „Отворен Балкан“, покрај придобивките за економијата и граѓаните, донесе и нова доверба меѓу лидерите на Србија, Албанија и Северна Македонија, што е многу важно бидејќи ги делиме истите проблеми, изјави Марко Чадеж, претседател на српската Стопанска комора (ПКС) посочувајчи на големото значење од заедничкиот настап на денешниот самит во Брисел на Александар Вучиќ, Еди Рама и Димитар Ковачевски, јави дописиникот на МИА од Белград.

-Кога го гледаме односот на ЕУ кон регионот и регионот кон Унијата, гледаме дека проблемите на Белград, Тирана и Скопје со Брисел не се разликуваат многу. Она што е навистина важно е ЕУ да го гледа регионот на нов начин, како и кој пристап може да се промени во однос на она што го имавме во изминатите 30 години, рече Чадеж за РТС.

Тој потсети на предлогот на бизнис заедницата на целиот регион, не само на Отворен Балкан, а тоа е патот во неколку чекори кон полноправно членство, ЕУ да му понуди на регионот Европската економска заедница, така што нашата економија и граѓаните би уживале во четирите слободи како Исланд и Норвешка. Исто така, Австрија, Шведска и Финска пред полноправното членство се приклучија на Европската економска заедница.

-Тоа значи да имаме пристап до единствениот пазар за да можат нашите компании да работат многу повеќе, да имаат нови бизнис зделки и да бидат поконкурентни. Знаеме дека не е лесно да се разговара за тоа во заедницата со 27 членки, но една од темите на самитот во Брисел е иновативниот начин за проширување, додаде Чадеж.