Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики на добро владеење, Славица Грковска во интервју за телевизија Сител ја објасни целта на донесувањето на ова законско решение со кое ќе се зајакнат антикорупциските правни механизми во земјава во пресрет на утрешната јавна расправа за предлогот на Законот за конфискација на имот во парнична постапка.
Грковска нагласи дека со овој закон ќе може да се казнуваат лица во граѓански процес кои имаат значителен диспаритет во она што го заработиле од официјално пријавените приходи и имотот што го поседуваат.
„Целта е со санкционирање на таквите лица да се докаже дека корупцијата не се исплати и дека имотот што го стекнале на ваков незаконски начин ќе биде конфискуван во законска постапка како што предвидува законот, а потоа ќе биде распределен на граѓаните од социјално ранливите категории, истакна таа.
На прашањето дали ваквата законска регулатива може да се користи за политички пресметки, вицепремиерката Грковска истакна дека секој што добил имот на чесен начин не треба да се грижи дали треба да се оправда како е стекнат тој имот.
Грковска појасни дека предлогот на законот вклучува дефинирани предуслови, врз основа на кои треба да се поведе постапка, Финансиската полиција да го започне процесот, а во синџирот се вклучени голем број институции. Таа нагласи дека улогата на овој закон е откривање и санкционирање на големите кривични дела.