Законот што им дава можност на жените да изберат форма на презимето на личната карта и други официјални документи, се смета за голем чекор напред кон родова еднаквост.
Претседателот Милош Земан вчера го потпиша новиот закон, кој претходно беше прифатен со јасно мнозинство во двата дома на парламентот.
Жените во Чешка при склопување брак го добиваат презимето на сопругот со додавање на женскиот суфикс „-ова“, што е вообичаено во словенските јазици како што е чешкиот. На пример, ако мажот се презива Новак, неговата сопруга и ќерките автоматски би го добиле презимето Новакова.
Но, во последниве години, овој начин на именување сѐ повеќе беше критикуван.
Поранешната министерка за правда Хелена Валкова го нарече „знак на нееднаквост“. Меѓу оние кои ја иницираа законската измена беше и 70-годишната Валкова.
Но, наставката „-ова“ тешко дека ќе исчезне наскоро од чешката лингвистичка употреба, бидејќи има многу жени кои сакаат да ја одржат ваквата традиција.
Наставката се додава дури и на странски имиња, па затоа германската канцеларка Ангела Меркел во чешките весници ја нарекуваат Ангела Меркелова.