Премиерот посака здравје, среќа и успех за семејствата и ја потенцира енергетската стабилност
Денес премиерот Христијан Мицкоски беше во посета на РЕК Битола, каде одржа говор и упати честитка до сите православни христијани по повод празникот Голема Богородица, а на сите граѓани во Македонија им посака здравје, среќа и љубов за нив и нивните семејства.
„Ова се денови кога празнуваме, кога се среќаваме, се обединуваме, кога ќе зборуваме за верата, за духовната сила, за сето она коешто претставува предизвик во нашето секојдневие. И убеден сум дека обединети сите заедно, сплотени, сите тие предизвици ќе ги надминеме. Ја користам оваа прилика на оние јунаци, тоа се рударите да им го честитам денот на рударите, да им посакам уште многу убави работни денови, многу успеси бидејќи благодарение на нивната пожртвувана работа, макотрпна работа, секојдневна енергија којашто секојдневно ја вложуваат овде во РЕК „Битола““, рече Мицкоски.
Премиерот посочи дека енергетската стабилност на државата ја гарантира и стабилноста на економскиот раст и македонското стопанство.
„Би сакал уште еднаш да повторам и да им го честитам денот на рударите со рударскиот поздрав ‘Среќно’ затоа што тие се нашата инспирација и знам и убеден сум од тоа што успеав да го видам дека мотивот не изостанува, желбата е тука присутна и сигурен сум за уште подобри резултати во месеците и годините коишто следат за македонскиот енергетски систем, за рударството, но и за македонската економија. Уште еднаш на крај дозволете ми да го честитам овој голем православен празник Голема Богородица и нека е за аирлија денот“, додаде премиерот.