Во три одделни полициски акции во Струга, Кичево и Охрид вчера се приведени четири лица поради сомнение за недозволено поседување оружје и дрога, информира Министерството за внатрешни работи.

Во Струга, полициски службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога и оружје при ОВР Струга ги лишиле од слобода Л.Р. (19) и неговиот 15-годишен брат. При претрес во нивниот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени пиштол „Dessert Lort“ калибар 9 мм и празна рамка за пиштолот. Оружјето било поседувано без дозвола, а малолетникот изјавил дека неговите родители не биле запознаени со предметите.

Полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево го привеле Б.Б. (52) од Кичево. При претрес во неговиот дом, исто така со судска наредба, била најдени и одземени 23 парчиња муниција со калибар 9 мм.

Во Охрид, полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Охрид го привеле Ш.Ф. (37) од Охрид. При претрес во неговиот дом била пронајдена и одземена марихуана.

Од МВР информираат дека за сите случаи бил известен надлежен јавен обвинител, а по целосно документирање на настаните против лицата ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.