Чиле, една од водечките земји во светот по вакцинација против Ковид-19, започна кампања за четврта доза на луѓе со нарушен имунитет.

Земјата го прави тоа за првпат во регионот, а причината за започнување на кампањата е зголемувањето на случаите поради брзото ширење на сојот Омикрон.

– Вакцината, оваа четврта доза или втора засилена доза, ќе биде достапна за секого. Почнувајќи од денеска, ќе започнеме со луѓе со нарушен имунитет и ќе продолжиме со најбрзо темпо, изјави чилеанскиот претседател Себастијан Пинера за време на посетата на болница во главниот град Сантијаго.

Кампањата почнува со лица над 12 години со ослабен имунитет, кои примиле бустер доза пред септември. Од февруари процесот ќе се прошири на сите лица над 55 години.

Чиле пријави повеќе од 4.000 нови инфекции дневно, што е двојно зголемување во однос на минатата недела и во согласност со глобалниот тренд на зголемување на инфекциите.