Општина Илинден продолжува со интензивни активности за чистење и одржување на речните корита и одводните канали. Главната цел е подобрување на протокот на атмосферски води, намалување на ризикот од поплави и заштита на животната средина.

Во изминатиот период извршено е машинско чистење на главниот одводен канал што минува низ централниот дел на населените места Илинден и Марино во должина од 5.000 метри. Исто така, реализирано е чистење на ободниот канал на потегот од локалната зона Карагач кон Меѓународниот аеродром Скопје во должина од 3.800 метри.

Заклучно со овие активности, на подрачјето на општината се исчистени вкупно 26.800 метри канали и речни корита. Со тоа е надмината првично предвидената должина од 24.250 метри и се остварени повеќе од планираните зафати за чистење на каналската мрежа.

Во наредниот период ќе продолжат активностите со дополнителни 4.000 метри чистење на коритото на Сува Река на потегот Миладиновци – Бујковци, како и 1.000 метри на потегот Текија – Дељадровци.

„Со оглед на високото ниво на подземни води, редовното одржување на каналската мрежа овозможува непречен проток на атмосферските води, превенција од појава на поплави и зачувување на чиста и здрава животна средина, што е предуслов за квалитетен живот на граѓаните“, нагласи Георгиевски.

Општина Илинден и во наредниот период ќе продолжи со континуирано одржување и унапредување на каналската мрежа со цел зголемување на безбедноста, заштита на животната средина и подобрување на условите за живот на сите граѓани.