Градежните активности за реализација на капиталниот проект за изградба на фекална канализација во делот на населеното место Миладиновци продолжуваат со планираната динамика. Во рамките на досега изведените теренски работи успешно се поставени над 1.700 метри од новата канализациска мрежа.

Увид во текот на градежните активности на терен изврши градоначалникот Георгиевски, кој прецизираше дека овој проект предвидува изградба на примарна канализациска мрежа со соодветни краци и приклучоци во вкупна должина од околу 4.570 метри, која ќе биде директно поврзана со постојната пречистителна станица.

„Со реализацијата на овој проект се предвидува приклучување на повеќе од 100 домаќинства, а по неговото целосно завршување, Миладиновци ќе добие целосна покриеност со фекална канализациска мрежа“, истакна Георгиевски.

Локалните власти продолжуваат со интензивни вложувања во реконструкцијата и модернизацијата на севкупната комунална инфраструктура, со цел да се обезбедат поквалитетни услови за живеење и ефикасни комунални услуги за сите жители. Изведбата на вакви капитални зафати претставува директен придонес кон зачувувањето на животната средина и долгорочниот одржлив развој на населените места во општината.