Црногорскиот министер за економски развој Јаков Милатовиќ на прес-конференција рече дека здравствените протоколи следната недела ќе бидат дистрибуирани до туристичкиот сектор и амбасадите и ќе бидат на англиски и руски јазик.
Министерката за здравство на Црна Гора Јелена Боровиниќ Бојовиќ, рече дека се обиделе да го поедностават протоколот и оти на туристите ќе им биде објаснето како да се однесуваат ако почувствуваат симптоми на Ковид-19 или се заразат со Ковид-19, пренесува „Вијести“.
– Владата донесе одлука туристите кои ќе се разболат од Ковид-19 за време на престојот во Црна Гора и ќе бидат хоспитализирани да бидат лекувани на сметка на државата, рече таа.
ПЦР тестирањето доколку им е потребно на туристите при враќање во нивната земја, ќе се врши непречено на два начини – едниот ќе биде организиран со помош на Институтот за јавно здравје на Црна Гора и ќе се изведува бесплатно, а туристите ќе можат да прават тестови и во приватни лаборатории.
Сите хотелиери ќе одвојат 10 проценти од капацитетот за можни случаи на Ковид-19, најави Боровиниќ Бојовиќ.