Центарот за управување со кризи извести дека вечерва е пронајдена девојка која паднала во дол кај манастирот Свети Илија над Струмица и дека во тек е извлекувањето. Таа има повреди на главата од падот.

ЦУК информира дека повикот за спасување е добиен вечерва околу 20.30 часот на единствениот број 112 од мајката која јавила дека нејзината полнолетна ќерка е падната во дол во близина на манастирот Свети Илија над Струмица, дека има повреди на главата, но дека не ја знае точната локација.

Операторите ја смириле вознемирената мајка и ја посоветувале да ѝ јави на ќерката да се јави на бројот 112 со цел од ЦУК да се утврди нејзината точна локација. Ќерќата се јавила на 112, но иако самата не ја знаела локацијата, преку системот на 112 била лоцирана каде се наоѓа.

„Оперативците од Секторот за операции и координација од ЦУК итно ги известиле СВР Струмица, ТППЕ Струмица и Итната медицинска помош од Струмица. Сите посочени екипи веднаш излегле на терен, ја пребарале посочената локација и откако најпрво викајќи оствариле гласовен контакт со повреденото и исплашено лице набргу потоа успеале да ја најдат. Во моментот се работи на нејзино извлекување“, информираат од ЦУК.