Познатиот доктор токсиколог Андон Чибишев се огласи по вчерашната паника околу исправноста на водата за пиење во Скопје.
„Не е точно дека е пронајдено Ешерихија коли во водата која го снабдува Скопје. Скопјани да бидат спокојни“, сподели на прес конференција градоначалникот Орце Ѓорѓиевски кој пред новинарите се напи чаша вода од чешма. Веќе подоцна во денот, две жени кои споделувале објави дека водата во Скопје не е за пиење и има бактерии биле повикани во полициска станица.
Д-р Чибишев смета дека доколку би имало присуство на оваа бактерија, за ден-два би имало над 50 000 пациенти.
– Не го разбирам мотивот и потребата да се шират (дез) информации дека водата за пиење која ја користат граѓаните на Скопје е загадена со бактеријата Escherichia coli. Не знам дали тие болни умови знаат што значи таквото загадување. Иако бактеријата Escherichia coli кај сите и во сите случаи не предизвикува симптоми и болест доволно е само 10 % од жителите на Скопје да развијат слика на воспаление на цревата тоа ќе значи дека за ден-два ќе има над 50 000 пациенти. Тоа ќе значи голем проблем за државата и можен колапс на здравствениот систем, порача тој преку фејсбук објава.
Нагласи дека МВР е на потег, итно да се откријат нарачателите, креаторите и, како што рече, промоторите на оваа гнасна лага која внесе надоверба и страв кај граѓаните на Скопје.
