Микробиологот проф. д-р Никола Пановски вели дека додека помине потребниот интервал од три месеци за ревакцинација, најверојатно ЕМА ќе остане на ставот дека вакцината е безбедна и дека имунизацијата може да продолжи.

-Јас верувам дека ќе биде така, но доколку Европската агенција за лекови сепак реши да ја запре употребата на АстраЗенека, најсоодветна вакцина за да се ревакцинираат оние кои веќе примиле една доза од АстраЗенека е руската вакцина, односно Спутник В. Овие две вакцини се премногу слични и не би имало никаков проблем, вели професорот Пановски за „Фактор“.

И претходно, низа студии во клиничките испитувања покажаа дека по примени две дози од различни вакцини се создава силен имунолошки одговор на корона вирусот.

Овие денови се очекува Европската агенција за лекови (ЕМА) да се произнесе во врска со тоа дали ќе продолжи имунизацијата со вакцината од британско-шведскиот производител, АстраЗенека, или употребата ќе биде стопирана.

Дел од граѓаните во Македонија, кои масовно се вакцинираа во Србија пред речиси две недели се интересираат дали ќе бидат ревакцинирани во земјава и дали втората доза ќе биде од АстраЗенека.

Министерот за здравство, Венко Филипче вчера појасни дека ги чекаат списоците од српското министерство за здравство на сите оние кои таму ја примија првата доза и дека тука ќе бидат ревакцинирани согласно препораките. Доколку ЕМА дозволи и понатаму употреба на АстраЗенека, тие со вакцината од британско-шведскста фармацевтска компанија, втората доза ќе ја примат тука.