Домаќинот на средбата, левичарскиот мексикански претседател, попознат како АМЛО, на речиси 20-те претседатели и премиери на самитот на Комонвелтот на Латиноамериканските и Карипските држави (CELAC) им соопшти дека сојузот може да им помогне на нееднакво погодените економии и во борбата против здравјето и другите кризи..

-Во овие времиња, CELAC може да стане главен инструмент за консолидирање на односите меѓу нациите на Латинска Америка и Карибите, рече Обрадор на отворањето на самитот во мексиканската престолнина.

CELAC постои десет години и се смета дека е полевичарска од ОАС. Оваа аосицијација негува подобри односи со Куба, Венецуела и Никарагва, предводени од левицата, а еден од најголемите поддржувачи на овој сојуз беше и починатиот венецуелски претседател Уго Чавез, пишува Блумберг.

За разлика од ОАС, чие седиште е во Вашингтон, членови на CELAC не се САД и Канада, ниту Бразил, каде на власт е екстремно десничарскиот претседател Жаир Болсонаро, кој минатата година се повлече од неа.

ОАС претходно ги исфрли Куба и Венецуела од своите редови и ја призна опозициската влада на Хуан Гуаидо, која е поддржана од западните земји.

-Треба на американско тло да изградиме нешто слично на економската заедница што беше претходничка на денешната Европска унија, рече денеска Обрадор, нагласувајќи ја потребата да се почитува суверенитетот на земјите од регионите.

Тоа ќе биде навистина автономна организација „која никому нема да му служи, туку ќе биде посредник“, објави мексиканскиот претседател минатиот месец.

Состанокот во Мексико Сити го привлече вниманието на левичарските лидери од регионот, вклучувајќи го и новиот претседател на Перу, Педро Кастиљо, Кубанецот Мигел Дијаз-Канел и венецуелскиот Николас Мадуро.

Уругвајскиот претседател Луис Лакал, кој се смета за десноцентристички политичар, истакна дека неговото учество на митингот не значи дека поддржува некои авторитарни режими во регионот.

-Загрижени сме и го следиме тоа што се случува во Куба, Никарагва и Венецуела, рече Лакал, нарекувајќи ги акциите на овие влади репресивни.