Раст на цените на материјателите, недостиг на работна сила која се иселува во западна европа, инфлацијата, многуте турбуленции на паразот, како и искористувањето на голем дел од расположливите површини ги натера граѓаните „да почекаат подобри времиња за купување стан“.

По која цена се движат становите моментално?

Како што пишуваат некои веб-страници чиј фокус се недвижностите, просечната цена за метар квадратен се движи од 1.000 до 1.800 евра, во зависност од локацијата.

Ако се направи проста математика ваквите цени значат дека за стан од 50 квадратни метри треба да се платат од 50.000 до 90.000 евра. Во меѓувреме пак, друга „кочница“ за граѓаните е високата камата или учеството по банките.

Овде спаѓа и купувањето на паркинг место кое во центарот на градот чини и до 15.000 евра што според многумина е претерано, но инвеститорите велат дека тоа е одраз на понудата и побарувачката.

Одраз понуда – побарувачка

И покрај „револтот“ кај дел од граѓните се јавуваат од другата страна градежните компании. Инвеститорите недвоумејќи се тврдат дека цените на становите се реални и, како што пишавме и погоре, дека се одраз на понудата и побарувачката на пазарот.

Нема простор за намалување на цената

Од градежната индустрија се категорични дека: нема простор за намалување на цените. Тие исто така посочуваат дека градежните активности се во согласност со законските и стандардните норми, и дека нема никакво вештачко качување на побарувачката.

Нереални цени на становите: Што велат експертите?

Експертите во областа на недвижностите од една страна велат дека цените се нереални и не се одраз на реалната економска состојба, но од друга страна велат дека треба да се навикнат граѓаните дека многу е мала веројатноста да се вратат „старите цени од минатото кога квадрат се наоѓаше по 700-800 евра.

„Цените на становите во Македонија се нереални и не се одраз на реалната економска состојба во земјава. Тие се резултат на монополистички практики, недостиг на информации и регулатива, и ниска понуда на квалитетни и енергетски ефикасни станови“, вели експерт за Денар.мк.

Како што додаваат, цените на становите во Македонија се во диспропорција со економските показатели и со цените во други земји во регионот и во Европа.

Пораст од 11 отсто

Претходно од народната банка се јавија дека становите претходната година во однос на таа пред неа пораснале дури 11 отсто.

Претседателката на Групацијата за недвижности при Стопанската комора на Македонија Лилјана Ковачева, претходно во изјава за МИА оцени дека кај цените на недвижностите во последните месеци се бележи стабилизација и ќе нема промени подолг период.

На крајот на минатата година по завршувањето на Ковид кризата на пазарот на недвижности значително се зголеми побарувањето. Истовремено, како резултат на воениот судир во Украина и енергетската криза значително се зголемија цените на градежните материјали, што доведе до зголемување на цените на новите градби, а зголемената побарувачка на пазарот доведе до тоа зголемените цени пазарно да се прифатат. Сепак, според мое мислење, продавачите ги зголемија цените повеќе од што пазарот може да прифати и поради тоа, по првото тримесечје настана извесен застој со мала корекција на цените во правец на нивно намалување. Според мене, она што се случува во последните неколку месеци е всушност стабилизација на цените на одредено ниво и престанок на растот што беше забележлив пред тоа и моето мислење е дека подолг период во иднина нема да има промени во цените – изјави Ковачева.

Како изгледаат цените во регионот?

Утрово редакцијата на Радио Лидер истражи како се цените во регионот, а како мерило ги зедовме цените на крајбрежните локации. Таа вест може да ја прочитате во продолжение:,

Колку ќе ве чини ако сакате да купите стан со поглед на море: Детални цени за Црна Гора, Хрватска, Грција, Турција, Албанија