Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денеска изјави дека министерскиот состанок на земјите од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) ќе биде значаен, но тежок.

„Исто така, намерата на западните земји беше да го поканат рускиот министер Сергеј Лавров да се обиде да постигне компромис во однос на буџетот и начинот на функционирање на целата организација“, изјави тој за новинарите по средбата со неговиот колега од Казахстан, Мурат Нуртлеу.

Тој додаде дека оваа организација е под закана, а е создадена за време на Студената војна за да биде платформа за надминување и спречување конфликти.

Дачиќ рече и дека функционирањето на ОБСЕ не е лесно, имајќи предвид дека консензусот е начин на одлучување, како и сериозноста на проблемите со кои се соочува меѓународната заедница, поради војната во Украина и на Блискиот Исток.

„Таа средба во Скопје веројатно ќе биде многу тешка“, рече тој.