Претседателот на Бугарија Румен Радев утре ќе го предаде вториот мандат за формирање влада на втората по големина парламентарна група во Националното собрание на земјата, Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), пренесува БГНЕС.
Од неговиот кабинет соопштија дека мандатот ќе го предаде во 9.30 по локално време.
Од ГЕРБ претходно изјавија дека веднаш ќе го вратат мандатот, но сепак ќе го претстават својот состав на Министерскиот совет. Даниел Митов повторно ќе го прифати и ќе го врати досието на претседателот.
Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов изјави дека партијата ќе соопшти свој премиер и кабинет за да можат останатите партии да се споредуваат.
Во изминативе денови во Бугарија имаше силни протести против партијата на Борисов, на кои имаше и полициско насилство врз демонстрантите.