По посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на Северна Македонија, се отворија прашања за можноста уставните измени да имаат одложено дејство, што е еден од условите на премиерот Христијан Мицкоски. Формулацијата на Фон дер Лајен дека уставните измени „треба да се разработат“ поттикна дилеми дали е можен компромис за ова прашање, кое е клучно за македонскиот напредок кон членство во Европската унија.

Николоски гледа разбирање за македонската позиција

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, изрази оптимизам за барањето на Македонија уставните измени да имаат одложено дејство. Тој во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 истакна дека коментарот на Фон дер Лајен може да биде знак за разбирање од страна на Европската унија.

  • „Мислам дека оваа наша позиција наидува на разбирање и со самото тоа што претседателката на Европската комисија фон дер Лајен јасно рече дека треба да се разработат уставните измени. Тоа говори дека сите се свесни дека Бугарија не може на тој начин да условува,“ рече Николоски, додавајќи дека, „топката е кај Европската унија да одлучи дали Македонија и треба како членка, и сум убеден дека проблемот со Бугарија може брзо да се реши.“

Таравари оптимист за уставните измени до крајот на годината

Министерот за здравство, Арбен Таравари, кој е дел од коалицијата ВРЕДИ, истакна дека е оптимист уставните измени да се случат до крајот на годината, оценувајќи ги пораките на Фон дер Лајен како јасен сигнал за македонската интеграција во ЕУ.

  • „После изборите во Бугарија, и после изборите на 5 ноември во Соединетите Американски Држави, мислам дека ќе се изнајде решение. Јас сум огромен оптимист дека ќе најдеме излез од овој ќор-сокак и се надевам дека во декември ќе ги започнеме и уставните промени за да влеземе во преговорите со Европската унија,“ изјави Таравари во интервју за Телма.

Муртезани: има простор за можен компромис

Министерот за евроинтеграции и главен преговарач со ЕУ, Орхан Муртезани, го поддржа предлогот за уставни измени, нагласувајќи дека иако Фон дер Лајен не прецизираше за одложено дејство, отсуството на негативен одговор покажува дека постои простор за потенцијално решение.

ЕУ останува посветена на членството на Северна Македонија

Иако не понуди директен одговор за можноста уставните измени да имаат одложено дејство, Фон дер Лајен увери дека Европската унија е подготвена да го поддржи напредокот на Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ.

Порака од Европскиот совет: Балканот не смее да западне во сива зона

Шефот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во интервју за Европската новинска агенција, предупреди дека Балканот не смее да остане во „сива зона“ и повика на неопходни реформи и решавање на спорните прашања. Мишел подвлече дека спорните прашања се најголемата пречка за напредок и дека е потребно итно решение за интеграцијата на Македонија и регионот во Европската унија.