Од Владата како предлагачи на овој предлог закон велат дека предлог законот ќе биде ставен на седница најверојатно после локалните избори, но не одговараат зошто токму сега е доставен во Собранието со европско знаменце. И од владејачката СДСМ денеска побареавме став околу итноста на овој закон, но објаснување не добивме.
Реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ- по ниту еден критериум овој закон не може да се донесе со европско знаменце. Велат дека предлог законот нема да биде прифатен од нивна страна.
„По ниту едно поглавје, по ниту еден критериум и интерес на европското семејство и ЕУ не може да се стави овој закон за марихуана или канабис да биде изгласан со европско знаменце. Тоа е закон кој е единствено од интерес на нарко мафијата, односно на картелот Заеви кои ја предводат таа мафија.Тоа е закон кој треба да го легализира она за кое што е уапсен шоферот на Трајче Заев и командирот на прилепската полиција кои беа уапсени за шверц на марихуана. Овој закон треба да го легализира тоа и овие луѓе да бидат на слобода.“ – изјави Димче Арсовски портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Предлог законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции освен што вклучува извоз на сувиот цвет канабисот, односно да се пласира на европските пазари, ќе се формира и Агенција која ќе го контролира одгледувањео и производството на канабис за медицински и научни цели.
Компаниите со лиценци за одгледување канабис пак, ќе имаат обрска да уплатуваат средства во висина од 10% од нето добивката остварена во тековната година на сметка на буџетот на земјава. Овие средства предвидено е да завршат во проекти од јавен интерес.