Нема докази дека по вакцинацијата против коронавирус, алкохолот влијае на ефикасноста на вакцината. Ова е ставот на британската Агенција за регулирање лекови, којашто реагираше откако на социјалните мрежи се појавија гласини за потребата од апстиненција од алкохол две недели по вакцинирањето.
-Досега нема докази дека алкохолот влијае на ефективноста на вакцината против Ковид-19. Исто така, ништо во информациите на производителот на вакцини или во упатствата на Британската здравствена служба не посочува на ваков заклучок, соопшти Агенцијата.
Се смета дека теоријата за апстиненцијата потекнува од Русија, каде што едно од официјалните лица јавно предупреди дека алкохолот може да ѝ наштети на способноста на организмот да развие антитела. Илхем Месауди, директорка на Центарот за истражување вируси при Универзитетот на Калифорнија, вели дека поголемиот внос на алкохол генерално го нарушува имунитетот и го прави човекот поранлив на зарази.
– Но, кај луѓето кои консумираат алкохол во умерени количини, нема опасност. А, умерено внесување значи – не повеќе од два алкохолни пијалаци на ден, за мажи и, еден – за жени, рече таа.