Младиот математички гениј од Штип, Дамјан Давков, повторно ја воодушеви Македонија со нов голем меѓународен успех, освојувајќи го првото место и златниот медал на 43. Балканска математичка олимпијада што се одржа во Солун, Грција.
Новиот резултат доаѓа само неколку дена по неговиот триумф на првата Европска математичка олимпијада во Вилнус, со што штипскиот математички талент уште еднаш ја потврди својата позиција меѓу најдобрите млади математичари во регионот и пошироко.
Информацијата за успехот ја сподели неговата мајка Никица Давкова, наведувајќи дека Дамјан на олимпијадата во Солун го освоил првото место и златниот медал. Натпреварот се одржува од 3 до 8 мај во Солун, под покровителство на Регионот Централна Македонија, а на него учествуваат земји од Балканот и гости од повеќе држави.
Овој успех не е изолиран блесок, туку продолжение на серија врвни резултати што Давков ги остварува на најсилните математички натпревари. На првата Европска математичка олимпијада во Вилнус, Литванија, тој освои златен медал и го делеше врвот на листата на најдобри натпреварувачи, станувајќи севкупен победник на првото издание на ова натпреварување.
