За да влезат во затворени барови и ресторани, Данците мора да покажат потврда за вакцинација, негативен тест или дека го прележале вирусот.
Според новиот закон, кој денеска начелно го договорија владата, синдикатите и здруженијата на вработени, работодавачите можат да бараат од работниците да покажат пропусница, иако тие ја немаат таа обврска, пренесува „Ројтерс“.
Доколку договорот прерасне во закон како што се очекува следната недела, Данска ќе се приклучи на сè поголем број земји со слични мерки.
-Постигнавме договор кој може да нѝ обезбеди поголема сигурност на работното место и се надеваме дека ќе ѝ помогне на Данска да ја помине оваа зима што е можно подобро, рече министерот за економија Матијас Тестеј.
Тој додаде дека владата го прави тоа за добробит на данската економија и за зачувување на бизнисот. Бројот на нови инфекции на дневна основа во Данска постојано расте и изнесува помеѓу 2.000 и 3.000, а стапката на позитивност е повеќе од двојно зголемена од септември до ноември на 2,5.