Се јавив да прашам како се, и мајката на Александар ми кажа дека ја нема Вања, рече на денешното рочиште таткото на Александар Ѓорчевски, Зоран. Со мајката на Александар, како што наведе, се разведени 40 години.

Зоран Ѓорчевски пред судот рече дека потоа се слушнал и со синот и од него побарал да се јави кај некои пријатели и деловни партнери да праша дали имаат информации.

За Гоце, за кого досегашните сведоци открија дека на барање на Александар трагал по Вања, рече дека со неговата фамилија се стари кумови и знае дека и тој учествувал во потрагата.

Информациите за тоа до каде е потрагата, главно ги дознавал, како што кажа, од ќерката Оли.

Таткото за синот рече дека работел во „Фершпед“ и „Кометал“ и повторно во „Фершпед“.

Кога се случи настанот тој не работеше и се издржуваше од мојата и од пензијата на мојата поранешна сопруга. Беше и на лечење и се изглечи, откри таткото Зоран.

Ѓорчевски за себе рече дека бил деловен човек и оти до пензионирањето работел во „Интеримпекс“, „Макошпед“, „Технометал“ и „Кометал“.