Делегација од Шведска со поддршка и споделување искуство

Во периодот од 16 до 18 јуни, во Кочани ќе престојува седумчлена делегација од Гетеборг, Шведска, соопштија од организацијата Support Кочани. Тимот доаѓа како дел од активностите за поддршка по трагедијата што го потресе градот, со цел да сподели искуства од слична болка, но и да донесе надеж и солидарност.

Во тимот има социјални работнички, пожарникари и преживеани од пожарот кој во 1998 година ја зафати една дискотека во Гетеборг, при што животите ги загубија 63 лица.

Болка, сеќавање и градење надеж: Мост на солидарност меѓу Кочани и Гетеборг

Преку директни средби со локални семејства и заедницата, тимот од Гетеборг ќе сподели како се справиле со болката, што значело да се преживее таква трагедија и како повторно изградиле сила и надеж. Идејата е, преку лични искуства, да се понуди поддршка на оние кои денес се соочуваат со слична загуба.

„Запознајте го тимот од Гетеборг – сведоци на болка, но симболи на сила. Тие не доаѓаат во Кочани само како делегација, туку како луѓе што пред 27 години во пожар на дискотека го поминале најтешкото и научиле како од болката се раѓа надеж. Тимот на Support Кочани со гордост и отворени срца ги пречекува – за да споделиме искуства, сила и да градиме мостови на солидарност“, се наведува во објавата од Support Кочани.

Целта на посетата е емоционална поддршка, размена на методи на справување со траума, како и поттикнување на заедницата дека и по најтешките искуства може да се најде пат кон обновување.