Демократскиот сојуз ги повикува сите пратеници да не гласаат за законите предложени од Владата во врска со изградбата на автопатските делници на коридорите 8 и 10 д, за да спречиме криминал со огромни димензии.
Владата бара по секоја цена да бидат изгласани петте закони во парламентот и тоа со европско знаменце, со што ќе се амнестираат од кривична одговорност министрите и потписниците на договорот со БЕХТЕЛ и ЕНКА.
Потсетуваме дека за злоупотребата на европското знаменце реагираше и Делегацијата на ЕУ во Скопје, што секако негативно ќе се одрази на нашите евроинтеграции, стои во соопштението до партијата.
Демократскиот сојуз алармира дека флагрантно кршење на начелото на владеењето на правото е прво да потпишете договор, а потоа врз основа на тој договор да ги менувате законите. Доколку пратениците гласаат, тогаш одговорноста паѓа врз нив, затоа што досега не го виделе договорот, а предупредени се дека договорот има коруптивни елементи, дека со решенијата во договорот можно е градбата на коридорите 8 и 10 д да поскапи и наместо 1,3 милијарди евра, да чини над 2 милијарди, пари кои треба да ги плаќаат граѓаните.
Договорот мора да биде усогласен со законите кои се на сила и за евентуалните пенали или поскапување на градбата, наводно поради можно пролонгирање на роковите, одговорност ќе сносат тие што го прифатиле и потпишале.
Инаку, Демократскиот сојуз инсистира, Договорот во интегрална форма до биде доставен до сите пратеници.