Хрватска набавува јужнокорејски ракетни артилериски системи К239 „Чунму“ и балистички ракети ЦТМ-Икс со дострел до 500 километри. Договорот е дел од модернизацијата на хрватската армија, а го потврди премиерот Андреј Пленковиќ по средбата во Загреб со претседателот на Националното собрание на Република Кореја, Чу Џонг-сик.

Договорот со јужнокорејската компанија „Ханва аероспејс“ е вреден 435,2 милиони евра без ДДВ. Предвидена е набавка на 18 самоодни лансери, чија испорака треба да заврши до 2029 година.

„Нашата одбранбена соработка дополнително се развива со потпишувањето Меморандум за разбирање меѓу министерствата за одбрана, како и договорот со корејската компанија ‘Ханва аероспејс’ за набавка на ракетниот артилериски систем К239 ‘Чунму’ и проектилите ЦТМ-Икс“, напиша Пленковиќ на Икс по средбата во владината резиденција Бански двори.

Податоците за дострелот ги објавил производителот. Претставници на „Ханва“ на саемот АДЕКС 2025 навеле дека ракетата ЦТМ-Икс го зголемува дострелот на ЦТМ-290 на околу 500 километри, со задржување на приближно 80 отсто од моќта на боевата глава, објави специјализираниот портал „Навал њуз“.

И норвешката Агенција за одбранбени материјали (FMA), која во јануари склучила договор за набавка на истиот систем, наведува дека „Чунму“ може да испукува високопрецизни балистички ракети на растојание до 500 километри.

Претходните најави на хрватските власти се однесуваа на ракети со дострел од 30 до повеќе од 300 километри. Балистичките ракети ЦТМ-Икс треба да ѝ обезбедат на хрватската армија дополнителна способност во рамките на системот за одвраќање.

Хрватска ги потпиша договорите со „Ханва аероспејс“ на 10 септември. Тогаш Пленковиќ изјави дека земјата добива воени способности какви што досега немала. Според хрватските медиуми, „Чунму“ ќе ги надополни веќе договорените американски ракетни системи ХИМАРС.

На средбата со Чу Џонг-сик, Пленковиќ разговарал и за зголемување на трговската размена, јужнокорејските инвестиции во Хрватска и соработката во енергетиката, зелените технологии и сообраќајната инфраструктура. Двајцата разговарале и за поддршката за Украина и за зајакнување на соработката меѓу европските и индо-пацифичките партнери.