Педесетница е еден од најголемите христијански празници
Православните верници денеска го празнуваат Духовден, познат и како Педесетница или Слегување на Светиот Дух. Празникот е меѓу најзначајните во христијанството и се одбележува десет дена по Спасовден и педесет дена по Христовото Воскресение.
Во народната традиција празникот е познат под повеќе имиња, меѓу кои Духовден, Дуовден, Свети Дух и Педесетница.
Слегувањето на Светиот Дух врз апостолите
Според христијанското учење, на десеттиот ден по Христовото Вознесение, а на педесеттиот ден по Воскресението, Светиот Дух слегол врз апостолите во вид на огнени јазици. Тогаш тие добиле сила и дар да зборуваат на различни јазици за да го проповедаат Христовото учење меѓу народите.
Поради ова, светите отци Педесетница ја нарекуваат и „роденден на Црквата“, бидејќи токму тогаш започнува мисијата на апостолите и ширењето на христијанството.
Еден од најсветлите празници во христијанството
За Црквата, овој настан има особено значење бидејќи Светиот Дух, според верувањето, постојано дејствува во неа преку богослужбите, молитвите и светите тајни.
Педесетница се смета за исполнување на старозаветните пророштва. Според христијанското учење, луѓето во Стариот завет го познавале Бога, со раѓањето на Исус Христос го виделе Синот Божји, а на Педесетница се открило и третото лице на Светата Троица – Светиот Дух.
