Прославата на европската титула прерасна во масовни нереди низ Франција

Големото славје по освојувањето на Лигата на шампионите од страна на ПСЖ заврши со сериозни инциденти низ Франција. Наместо мирна прослава, улиците во повеќе градови беа сцена на судири меѓу навивачи и полицијата, при што беа приведени повеќе од 400 лица, а предизвикана е и значителна материјална штета.

Илјадници полицајци беа ангажирани за да воспостават ред, додека во Париз беше нарушено функционирањето на автобускиот, железничкиот и градскиот превоз. За време на нередите беа користени пиротехнички средства, огномет и факели, а неколку полицајци се здобиле со повреди.

Стотици апсења и оштетени објекти

Француското Министерство за внатрешни работи соопшти дека до раните утрински часови биле приведени вкупно 416 лица, од кои 280 во Париз.

Според официјалните податоци, за време на нередите биле оштетени или уништени шест возила, два деловни објекти и една автобуска постојка.

Францускиот министер за внатрешни работи, Лоран Нуњез, остро ги осуди случувањата.

„Апсолутно неприфатливо!“, изјави Нуњез, додавајќи дека во инцидентите биле повредени седум полициски службеници.

На социјалните мрежи се појавија бројни снимки од центарот на Париз на кои се гледаат запалени електрични велосипеди, факели на улиците и искршени излози на продавници.

Политички реакции по немирите

Прославата започна веднаш по победата на ПСЖ во финалето против Арсенал, кога десетици илјади навивачи излегоа на булеварот Шанзелизе.

Сепак, првите инциденти беа регистрирани уште во текот на денот во близина на стадионот „Паркот на принцовите“, каде што навивачите го следеа натпреварот на големи видеоекрани.

Нередите предизвикаа и политички реакции. Поранешната претседателска кандидатка Марин Ле Пен објави критика на социјалната мрежа Икс.

„Само во Франција победата на еден фудбалски клуб предизвикува нереди. Само во Франција граѓаните чувствуваат потреба да се заклучат во своите домови во ноќта на победата за да избегнат соочување со насилство.“

И покрај инцидентите, фудбалерите на ПСЖ денеска треба да учествуваат на победничка парада во Париз, по што е предвиден и прием кај францускиот претседател Емануел Макрон.

Безбедносните служби остануваат во состојба на висока готовност, особено поради фактот што и минатогодишната прослава на европската титула заврши трагично, со две жртви, меѓу кои и 17-годишно момче.