Меѓу поголемите летни празници што ги слават православните христијани, а македонскиот народ ги празнува со многу обичаи и верувања спаѓа и празникот во народот познат под името Иванден, всушност, празник посветен на раѓањето на свети Јован Крстител.

Свети Јован е познат како Крстител затоа што го крстил Исус Христос во реката Јордан, а како Претеча затоа што го најавувал неговото доаѓање. Тој ги повикувал луѓето на покајание и духовно подготвување за појавата на Спасителот.

На Иванден именден празнуваат оние што го носат имињата Иван, Иванка, Јован, Јана, Јане и други имиња поврзани со светецот.

Во христијанската вера Свети Јован има посебно значење, а Црквата му посветува повеќе празници. Во народната традиција тој се смета за заштитник на кумството и побратимството, што дополнително ја нагласува неговата важност во верувањата на народот.

Иванден е празник во кој се преплетуваат христијанските традиции со старите народни обичаи поврзани со летната долгодневица. Особено место имаат обредите со билки, венци и огнови, за кои се верува дека носат здравје, заштита и благосостојба.

Според народните верувања, вечерта спроти празникот се собираат различни растенија, меѓу кои и папратот, кој се смета за растение со заштитна моќ. Од билките се плетат венци кои се ставаат во домовите, дворовите и градините како симбол на здравје и заштита.

Црковното предание сведочи дека Свети Јован бил син на Захариј и Елисавета. Неговото раѓање било чудесно, бидејќи неговите родители долго време немале деца. Според преданието, ангелот Гаврил му го најавил раѓањето на Јован на Захариј, кој поради сомнежот останал без говор сè до моментот кога го запишал името на детето.

Откако пораснал, Јован живеел аскетски во пустината, а подоцна започнал да го проповеда покајанието и да го подготвува народот за доаѓањето на Исус Христос.

Иванден останува еден од празниците со најсилно присуство во народната култура, каде што вековните обичаи и христијанската вера се испреплетуваат во едно заедничко празнување.