Со богата културно-уметничка програма, вечерва во Корча ќе заврши „Неделата на македонската култура во Албанија“. Завршниот настан ќе се одржи под мотото „Душата на Македонија во Корча“, во Старата чаршија, со почеток во 17 часот.

Програмата ќе започне со обраќање на амбасадорот Веле Трпески, по што ќе биде отворена изложбата на фотографии „Убавините на Преспа“ од Пали Колефски.

„На овој значаен настан најпрво ќе се обрати амбасадорот Веле Трпески, по што ќе биде отворена изложба на фотографии „Убавините на Преспа“ на Пали Колефски, по што обраќање ќе има Јане Атанасов со неколку значајни и инспиративни афоризми“, објави македонскиот Културно-информативен центар во Тирана.

Во рамките на вечерната програма ќе биде изведена монодрамата „Меѓникот“, посветена на Крсте Петков Мисирков, во изведба на Доне Донев.

Ќе следува настап на фолклорната група „Преспа“, како и музички настапи на Кристијан Ѓорѓи, Марјан Трајче и Оливер Христовски.

Коорганизатор на настанот е Здружението „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“. Претседателката на здружението, Елена Симонофски, најави прекрасна дружба и незаборавни мигови во духот на македонската култура.

„Неделата на македонската култура во Албанија“ беше свечено отворена на 3 септември пред многубројна публика во Тирана. Со овој значаен настан воедно беше одбележана и 35-годишнината од независноста на Македонија.