Македонскиот пијанист со светско реноме Симон Трпчески повторно ја воодушеви јапонската публика со три концерти одржани на различни престижни сцени во Токио. Со оваа концертна турнеја во јапонската престолнина, тој одбележа две децении од своето деби во Земјата на изгрејсонцето.
Трпчески настапи со Токискиот Метрополитен симфониски оркестар, под диригентската палка на маестро Казуши Оно, еден од водечките јапонски диригенти. Симболично, токму Оно диригирал и на настапот на македонскиот пијано виртуоз пред 20 години.
Казуши Оно е шеф-диригент на Токискиот Метрополитен симфониски оркестар, како и на Националната опера во Токио.
По несекојдневната концертна серија, Трпчески не го криеше задоволството од приемот што повторно му го приреди јапонската публика. Двата оркестарски концерта се одржаа во полниот Токио Метрополитен театар и во распродадената „Сантори сала“, една од најпознатите концертни сали во светот.
„Почестен сум од полните Токио Метрополитен театар и Сантори салата – една од најпознатите концертни сали во светот што беше распродадена, во кои настапив со овие прекрасни уметници на Оркестарот со кои го изведовме монументалниот и предизвикувачки „Концерт број 3 за пијано и оркестар“ од Сергеј Рахмањинов. Исклучителната публика и двете оркестарски вечери срдечно ме враќаше два пати на бис, а поддршката кулминираше на рециталот третата вечер во извонредната Јамаха концертна сала, кога по изведбата на дела од Чајковски, Бетовен, Равел и Прокофјев, дури 5 пати бев вратен на бис“, вели Трпчески.
Како благодарност за приемот, македонскиот пијанист извел неколку обработки на познати јапонски песни, како и верзијата на „Не си го продавај Кољо чифликот“ од Димитрије Бужаровски.
„Секако, се заблагодарив со неколку обработки на познати јапонски песни, како и со верзијата на „Не си го продавај Кољо чифликот“ на Димитрије Бужаровски, што ја посветив на сите жртви на земјотреси, особено поврзувајќи го фактот за јапонската експертиза во нашиот трагичен настан и помошта што донесе ново посебно високо ниво на македонско-јапонско пријателство и соработка. Сè уште сум под импресии од искреноста, топлината и воодушевувањето со кои повторно бев прегрнат од публиката“, додава Трпчески.
Тој изрази гордост што во периодот кога Македонија го одбележува својот јубилеј, повторно на далечните меридијани во најубаво светло го слави нејзиното име.
Како што информира „КултурОп“, богатиот концертен распоред на македонскиот пијанист во изминатиот период го одвел на повеќе сцени низ Европа, како и на настапи во Охрид и Битола.
Следната дестинација на Трпчески е хрватската престолнина Загреб, каде што ќе го прослави својот роденден со отворање на новата концертна сезона на Загрепската филхармонија.
Со Загрепската филхармонија, под диригентската палка на нејзиниот шеф-диригент, Полјакот Давид Рунц, Трпчески ќе го изведе „Концертот број 1 за пијано и оркестар“ од Сергеј Рахмањинов.
