Шест месеци пред своето јавување на Пресветата Дева Марија во Назарет, великиот архангел Божји Гавриил му се јави на првосвештеникот Захариј во ерусалимскиот храм. Пред да го објави чудесното зачнување на безмажната девица, архангелот го објави чудесното зачнување на една бездетна старица. Захарија не поверува веднаш во зборовите на Божјиот известител и затоа јазикот му се врза со немост, па остана нем с ? до осмиот ден по раѓањето на Јован. Тој ден се собраа роднините на Захарија и Елисавета за обрезание на младенецот за да му биде дадено име. Па кога го прашаа таткото кое име би сакал да му го даде на синот, тој бидејќи нем напиша на табличка: Ј о в а н. Јазикот му се одврза во тој час и тој почна да говори. Домот Захариев беше на височината меѓу Витлеем и Хеврон. Гласот дека на Захарија му се јави ангелот Божји, дека онеме, а потоа му се одврза јазикот штом го напиша името Јован, се разнесе по сиот Израил. Овој глас дојде и до Ирод. Затоа Ирод, кога испрати да се заколат децата во Витлеем, прати луѓе и во ридското престојувалиште на семејството Захариево, за да го убијат и Јован. Но Елисавета благовремено го сокри детето. Разјарен од ова, царот Ирод испрати џелати кај Захарија во храмот (зашто се погоди тој повторно беше чреден за служење во ерусалимскиот храм) да го убијат. Захариј беше убиен меѓу притворот и храмот, а неговата крв се засири и се скамени на плочите и остана како неизбришливо сведоштво против Ирод. Елисавета со детето се скри во една пештера, во којашто набрзо таа умре. Младенецот Јован остана сам во пустината, препуштен на грижа на Бога и Неговите ангели.

Тропар
Пророче и Претечо на пришествието Христово, не умееме достојно да те пофалиме, ние што со љубов те почитуваме, бидејќи со твоето чесно и славно раѓање се разреши неплодството на онаа што роди, и немоста на таткото, и на светот му се проповеда воплотувањето на Синот Божји.

Кондак
Порано неплодната, денес го раѓа Христовиот Претеча, и тој е исполнувањето на сите пророштва. Во (реката) Јордан, тој ја положи раката врз Оној што Го навестуваа пророците; се јави пророкот на Божјото Слово, истовремено проповедник и претеча.

Свети Никита, епископ Ремесијански

Другар и врсник на Св. Павлин Нолски (кој се слави на 23 јануари). Веројатно бил Словенин, а го проповедал Евангелието меѓу Словените во нишко-пиротската област. Св. Павлин му испеа песна во која покажа какво дело овој свет Никита изврши меѓу Словените: „Каква промена! И колку среќна! Непроодни што беа крвавите гори, сега кријат разбојници во монаси претворени – ах, питомци на мирот. Кај што беа обичаите ѕверски, сега ликот ангелски е. Праведникот во пештера се крие, онде кај што злостор порано пребиваше.“ Столица на Свети Никита беше градот Ремесијан, под којшто некои го препознаваат Пирот. Освен својата мисионерска служба, Свети Никита напиша и неколку книги: шест книги за верата, книга за паднатата девојка (којашто мнозина ги побуди на покајание). Овој светител се упокои во 5 век.

Светите маченици Орентиј, Фарнакиј, Ерос, Фирмос, Фирмин, Киријак и Лонгин

Родени браќа. Беа римски војници во времето на царот Максимијан. Во војната на Римјаните против Скитите околу Дунав, Свети Орентиј му излезе на мегдан на скитскиот голијат Марот и го уби. За ова целата римска војска им принесуваше жртви на боговите, но Орентиј и неговите браќа изјавија дека се христијани и дека не можат да им принесат жртва на глувонемите идоли. И покрај нивните војнички заслуги беа осудени на прогонство во Касписките предели, но патем сите седуммина, еден по друг, од глад и маки го завршија животот и се преселија во Царството Христово.