Годинава ставен е акцент на огромните можности на дигиталните технологии во служба на подигање на свеста за важноста на превенцијата и константната поврзаност на кардиоваскуларните пациенти со своите доктори и здравствените работници преку тн. телемедицина, како и поврзаноста со семејството и пошироката заедница.

Кардиоваскуларната болест е најголемиот убиец на светот. До неа доведуваат многу причини, почнувајќи од консумирање цигари, дијабетес, висок крвен притисок, до загадување на воздухот и други болести. Во 2019 година се забележани 17,9 милиони смртни случаи во светот како резултат на кардиоваскуларни заболувања, односно 32 отсто од сите смртни случаи глобално. Од нив, 85% како резултат на срцев или мозочен удар. Во Европа, кардиоваскуларната болест е главна причина за смрт и тоа кај 47% од жените и 39% од мажите.

530 милиони луѓе во светот живеат со кардиоваскуларна болест и за нив пандемијата Ковид-19 е уништувачка. Пациенти со срцеви болести се најподложни за развивање тешка форма на болеста предизвикана од вирусната инфекција, поради тоа многу пациенти се плашат да се јават на своите рутински и закажани контроли и се изолираат од своите семејства и блиски. Пациентите кои доживуваат срцев удар го одложуваат нивниот итен есенцијален третман, поради страв од заразување, предизвикувајќи нова јавна здравствена криза.