„Јане Сандански“ распродаден – нова епизода на вечниот македонски ракометен класик

Македонскиот ракомет станува сѐ подинамичен и неизвесен – доказ за тоа е фактот дека титулата за сезоната 2024/25 ќе се решава вечерва, во последното коло, во целосно распродадената сала „Јане Сандански“ во Скопје.

Со почеток во 19:30 часот, на терен ќе излезат Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер – двата најголеми ривали во македонскиот ракомет, кои по само неколку дена од финалето на Купот повторно ќе се судрат, но сега со уште поголем влог – шампионската титула.

МВР е пред значаен предизвик знаејќи дека во салата ќе има две навивачки групи. „Комити“ и „Чкембари“ ќе бидат во арената. Во продолжение погледнете го видеото од инцидентите во Битола.

(ВИДЕО) Инцидент на дербито во Битола: Ракометарите на Вардар спасуваа „жива глава“

Вардар со предност, Пелистер во пресвртничка мисија

„Црвено-црните“ влегуваат во натпреварот со полесна математика – и реми им е доволно за да го подигнат трофејот по пауза од две години. Последниот меѓусебен дуел во Битола беше вистинска драма – Вардар победи со 34:35 со гол во последната секунда од Хориха, кој со ракетен удар ја шокираше домашната публика.

На спротивната страна, Пелистер мора да победи. Секој друг исход значи крај на нивната двегодишна доминација на врвот. Натпреварот ќе биде голем тест за менталната сила на битолскиот тим по поразот во финалето на Купот.

Николов и Начевски ќе делат правда – „вечното дерби“ без ждрепка

Иако првично беше најавена ждрепка за судиите, поради тежината и симболиката на дербито, Ракометната федерација на Македонија одлучи директно да ги делегира најискусните судии – Ѓорѓи Николов и Славе Начевски.

„Со оглед на значењето на натпреварот и историјата што ја носи, немаше простор за случајности – натпреварот ќе го судат нашите најквалификувани арбитри“, информираа од РФМ.

Судир на емоции и спортска историја

Вардар вечерва има можност пред своите навивачи да го врати трофејот дома, додека Пелистер ќе се обиде да се врати од психолошкиот удар во Охрид и да ја продолжи својата шампионска ера. Ќе биде ли ова вечерта на „црвено-црните“ или триумф на „зелените“? Одговорот го носи СЦ „Јане Сандански“ во 19:30. Најавени се две навивачки групи.