На платото на Младинскиот културен центар од 12 до 17 часот ќе биде одбележан Меѓународниот ден на независните музички продавници (International Record Store Day) во организација на АП(о)ТЕКА – МКЦ, кој е востановен во 2007, а кај нас се организира од 2017 година.
Годинашен македонски амбасадор меѓу музичарите, кои со своите објави покажале почит и љубов кон физичките изданија, пред сѐ винилите, и го поддржувале опстојувањето на малите музички продавници, е Горан Трајкоски (Сарацени, Афективен набој, Падот на Византија, Апореа, Мизар, Анастасија, Готра, Мугер Фугер).
-Во изминатите 40 години името на Горан Трајкоски се појавува испишано на 12 винилни изданија и на повеќе од 40 други формати – ЦД и касети, издадени во Македонија, Европа и светот. Тоа го прави еден од малкутемина македонски музичари кои со своето творештво имаат оставено печат на 10 или повеќе музички изданија, објавени на винил – албуми, синглови или компилации, соопшти организаторот на настанот.
Амбасадори на овој настан во изминатите години беа Васко Атанасоски (2017), Влатко Стефановски (2018), Стојче Цветановски (2019) и Александар Петрушевски-Пепе (2021). Поради КОВИД-19, во 2020 настанот не беше организиран.
По петти пат на интернационално ниво се промовира и почеста „Worldwide Record Store Legend” – за страсно колекционерство и долгогодишна поддршка на физичките изданија како носачи на звук (пред сè на винилот) и континуирана поддршка на малите и независни музички продавници. За македонски „Worldwide Record Store Legend” годинава е избран новинарот Љупчо Јолевски, долгогодишен пасиониран колекционер на физички изданија, со особена страст кон винилите.
Во изминативе четири години за македонски „Worldwide Record Store Legend” беа прогласени Васја Ивановски (2017), Владимир Мандичевски-Манде (2018), Бранислав Димитров-Бране (2019) и Гордан Калајџиев (2021).
На „Record Store Day Macedonia 2022” првпат ќе биде доделено и специјално признание „Пионери на винилот“ – за браќата Зоран и Димитрија Павловски, Зоко и Денки, легендарните гитарист и басист на ВИС Безимени и Република 903.
-Музичари чии звуци на гитарата и басот се забележани на првиот винилен носач на звук на кој се наоѓа и еден македонски рок состав. Далечната 1969 година во Белград е снимена, и веднаш ставена на заедничка плоча, само една песна, инструментална преработка на традиционалната „Си заљубив едно моме“. Но и тоа ќе биде доволно да ја внесе македонската рок музика во богатата југословенската дискографска ризница. За жал, тоа ќе остане и единствениот винилен носач на звук на кој се потпишани тие како музички состав, соопшти АП(о)ТЕКА – МКЦ.
На настанот пред МКЦ ќе бидат промовирани и две винилни изданија – компилациите Macedonian Dark Wave 1985-1989 и Macedonian New Wave 1979-1987 Vol.2, двете објавени на ЛП-формат во издание на Corpus Delicti Records, а со диџеј сетови ќе учествуваат Robotek, Diah и Double G.