Демантот на Дерковски доаѓа по информацијата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција дека поднеле обвинителен акт против Дерковски, како и тројца вработени во ДИК и управител на ДУНА во врска сo набавката на софтверот за веб- страницата на ДИК, која падна за време на парламентарните избори лани.

Според ОЈО, обвинетите се товарат дека кривичното дело „злоупотреба на службена положба и овластување” од член 353 став 5 од Кривичниот законик го сториле при две јавни набавки со што го оштетиле Буџетот за 1 312 409 денари.

– Покани за поднесување понуди за Набавка на нови и надградба на постојните софтверски решенија во ДИК биле испратени до два економски оператори и во повторената постапка повторно како најповолен понудувач бил избран економскиот оператор ДУНА ДОО со кој првообвинетиот потпишал Договор за јавна набавка. Иако бил должен пред да го потпише Договорот и пред да го имплементира софтверот да обезбеди негово тестирање заради утврдување дали истиот ги исполнува бараните услови, тој не го сторил тоа и дозволил истиот да се пушти во употреба без спроведено тестирањето и без направен квалитативен и квантитативен прием на услугата од Договорот. На ваков начин за економскиот оператор била прибавена корист – право да учествува во постапка за јавна набавка и да склучи договор на износ од 899.999,00 денари, велат од ОЈО.

Дерковски, пак, тврди дека нема криминал во набавката на софтверот.

– Сметаме дека ништо незаконски сме направиле во овој случај. Напротив, наместо да сме го оштетиле за 900.000 денари, ние заштедивме оти секоја година се трошеле по 4,5 милиони денари за истата намена, изјави Дерковски за Сител.

Во продолжение на обвинението стои дека во постапката за Набавка на телевизори што ќе овозможат приказ на резултати од избори во надворешни услови, изготвувањето на техничката спецификација за јавната набавка било во консултации со учесник во постапката обвинетиот И.В. Покани биле испратени до 5 економски оператори на контакт адреси што не биле регистрирани во Бирото за јавни набавки, а единствениот понудувач бил економскиот оператор ТАРДИС ДООЕЛ Скопје.

– Обвинетиот А.Ш. како претседател на Комисијата за јавни набавки, спротивно на правилата, иако знаел и бил свесен дека обвинетиот И.В. како овластено лице на единствениот понудувач е изготвувач на техничката спецификација, ја евалуирал понудата и во Извештајот за спроведена постапка, без да присуство на членовите на комисијата, дал предлог понудата да биде избрана за најповолна понуда. Обвинетиот О.Д. го прифатил предлогот и донел Одлука за избор на најповолен понудувач за предметната набавка. На ваков начин за економскиот оператор била прибавена корист – право да учествува во постапка за јавна набавка и да склучи договор на износ од 412.410,00 денари со вклучен ДДВ, велат од ОЈО.

Обвинението за Деркоски и неколкумина вработени во ДИК следи откако по изборниот ден лани, падна интернет страницата на ДИК, па половина ден не можеше да се следи изборниот резултат.