Десетици пожари и натаму се активни низ Србија, а пожарникарите веќе неколку дена се борат со огнените жаришта. Во пожарите досега загина едно лице, а повеќе се повредени. Дополнително, од денеска се очекува нов топлотен бран со јужен и југозападен ветер, што може дополнително да ги влоши условите за гаснење.

Најкритична е состојбата во специјалниот природен резерват Делиблатско Песочиште, каде ветерот значително им ја отежнува работата на пожарникарите и локалните служби. Во текот на ноќта повторно се разгорел и пожарот на Столови кај Кралево, каде што има повеќе активни жаришта.

Во дел од територијата на општина Кладово е прогласена вонредна состојба поради пожарите кои загрозуваат неколку села. Огнената стихија зафаќа површина од речиси 13 квадратни километри.

Републичкиот хидрометеоролошки завод на Србија (РХМЗ) денеска предупреди дека новиот топлотен бран, проследен со јужен и југозападен ветер, ќе ги влоши метеоролошките услови за гаснење на пожарите.

Од РХМЗ предупредуваат и на период со изразен недостиг од врнежи. Тоа дополнително ќе придонесе за сушење на вегетацијата и ќе го зголеми ризикот од брзо ширење на пожарите на отворено.